Дали е безбедно да купувам од Кина преку Интернет?

Дали е безбедно да купувам од Кина преку Интернет?

објавено во: Блог | 0

Во последно време многу е актуелно купувањето преку Интернет. Иако на запад ова не е ништо ново, на наше поднебје е многу ново и сеуште многу луѓе се сомничави околу тоа.

Веднаш да разграничиме – Купувањето преку Интернет е сосем нормално во денешно време и воопшто не е страшно, но секако потребна е претпазливост. Сепак, немојте веднаш да се обесхрабрите. Потребно е многу претпазливост дури и кога купуваме директно од продавница, нели? Купувањето преку Интернет, доколку е направено правилно, обично е многу побезбедно и веројатноста да останете со „куси ракави“ всушност е помала отколку кога купувате директно од продавница.

Некои од најчестите прашања за купување преку Интернет се:

  • Што ми е потребно за да купувам преку Интернет?
  • Дали е безбедно да купувам преку Интернет?
  • Каде можам безбедно да купувам производи од Интернет?
  • Дали моите податоци, како на пример кредитната картичка, може да биде „украдена“ или злоупотребена?
  • Како да знам дека продавачот е сигурен, односно дека не е измамник?
  • Како производот ќе стигне до мене?
  • Што ако производот не стигне?
  • Што ако добијам неисправен, различен или производ со полош квалитет од опишаниот?

Во продолжение, ќе се обидам едноставно да ви ги одговорам овие прашања.

 

Што ми е потребно за да купувам преку Интернет?

  • Најпрво, се разбира, желба 🙂 ;
  • Освен желбата, потребно е да имате кредитна или дебитна картичка поврзана со сметка во банка, на која има доволно пари за производот што сакате да го купите;
  • Ако немате или не сакате да користите картичка, може да плаќате и со PayPal сметка доколку ја имате или регистрирате.
  • Некои Интернет продавници овоможуваат плаќање и со други сервиси, како на пример Skrill, AlertPay и слично, но таквите продавници се поретки. Обично можноста за плаќање со картичка или PayPal се секогаш присутни;
  • И се разбира, некаков уред (компјутер/лаптоп, таблет компјутер или мобилен телефон) со Интернет пристап.

 

Дали е безбедно да купувам преку Интернет?

Краткиот одговор е да. Потребно е да внимавате адресата на продавачот да е со безбеден протокол за комуникација – https. Овој протокол обезбедува енкриптирана (кодирана) комуникација помеѓу вашиот уред и веб сајтот од кој купувате. Во последно време речиси е невозможно да се отвори Интернет продавница или да се овозможи плаќање преку Интернет доколку барем плаќањето не оди преку безбеден протокол. Проверката е многу едноставна, внимавајте дали адресата на сајтот започнува со https://. Погледнете горе во вашиот пребарувач, оваа страна (Централа) на пример користи безбедносен протокол и тоа многу лесно можете да го видите, бидејќи адресата е https://centrala.spirkoski.info (значи започнува со https://), а освен тоа пребарувачот за да го направи тоа воочливо додава икона со зелен катанец пред адресата (на некои пребарувачи додаден е и зборот „Secure“ на зелена позадина или со зелени букви).

Дополнително ниво на заштита често нудат и анти-вирусните програми или нивните додатоци, како на пример 360 Total Security кој има посебен режим кој автоматски проверува и дава порака дека купувањето на сајтот е безбедно (или од некоја причина не е безбедно во моментот) за повеќето популарни Интернет продавници.


360 Total Security INT

 

Каде можам безбедно да купувам производи од Интернет?

Многу веб сајтови овозможуваат купување директно од самиот веб сајт. Сепак, најпопуларни се сајтовите како AliExpress, E-Bay, BangGood и слични, кои на некој начин претставуваат огромни трговски центри на Интернет.

Овие сајтови ги поврзуваат продавачите и купувачите на едно место и се многу моќни, сериозни и безбедни сајтови за купување преку Интернет.

Овде посебно ќе посветам внимание на AliExpress како најпопуларен на нашето поднебје, но и како најголем, најмоќен и веројатно најсериозен веб сајт за купување преку Интернет во светот.

AliExpress е посебно интересен затоа што ги штити купувачите но и продавачите од измама преку сопствен сервис, кој е наречен AliPay. Штом одлучите и нарачате производ истиот се резервира и се чека ваша уплата. Вашата уплата оди во AliPay, а не кај продавачот. Продавачот добива нотификација дека сте извршиле уплата и треба да го испрати производот. Штом го добиете производот, потребно е да ја проверите неговата состојба, дали е тоа што сте го нарачале и дали ги задоволува критериумите според описот (изглед, квалитет итн.). Дури откако ова ќе го потврдите, парите ќе му се префрлат на продавачот. Доколку производот не стигне на време (обично во рок од 30 до 45 дена од денот на уплата), потребно е да побарате од продавачот да го продолжи заштитниот период. Ако продавачот ве игнорира, можете да отворите жалба кон AliPay. Доколку производот е со различен квалитет, неисправен или има било каков недостаток, можете да се договорите со продавачот што понатаму (дали ќе ви го замени производот, ќе ви намали на цената или ќе ви ги врати парите). Ако не се договорите, можете да отворите жалба, па AliPay ќе одлучи кој е во право и што понатаму. На крајот, по успешна или неуспешна размена на производ/пари, го оценувате продавачот на 3 основи, комуникација, брзина на испорака, квалитет на производот според описот. Исто така, продавачот ве оценува вас како купувач.

Знам, сето ова звучи многу комплицирано, но е всушност многу едноставно. Никој не сака да добие негативен рејтинг. Ако сте продавач, сакате што подобри рејтинзи, за да ја зголемите веројатноста милионите купувачи да одлучат да купуваат токму од вас. Ако сте купувач, сакате добар рејтинг, бидејќи продавачот има право да одбие да ви продаде производ ако имате лош рејтинг како купувач. Токму поради ова, сите се трудат да бидат љубезни едни кон други и во над 95% од купувањата нема апсолутно никакви проблеми, а лошите искуства многу, многу ретки. Од мое лично искуство можам слободно да кажам дека ниту еднаш не се случило да не ми стигне производ. Сум имал искуство со продавач кој слабо комуницираше, но производот стигна и беше со добар квалитет. Во превод, моето искуство со купување преку Интернет е во главно подобро од купувањето од продавница.


Aliexpress INT

 

Дали моите податоци, како на пример кредитната картичка, може да биде „украдена“ или злоупотребена?

Ако веќе заборавивте што прочитавте пред малку – да, може. Но, ако внимавате сајтот да има безбедносен протокол (https://), тогаш практично е невозможно. SSL сертификатот (она што овозможува https:// протокол на комуникација) има толку силна енкрипција, што за некој да ги де-шифрира информациите, ќе му треба подолго време отколку што трае валидноста на картичката.

Се разбира, мора да внимавате вашиот уред (компјутер/лаптоп, таблет или мобилен телефон) да не е инфициран со вирус. Некои вируси или малициозен (непосакуван) софтвер, може да ги украдат податоците од картичката. Затоа, секогаш е потребно да имате активен анти-вирус софтвер, посебно ако планирате да купувате преку Интернет. Денес има многу бесплатни решенија кои нудат основно ниво на заштита. Лично, ги преферирам кинеските анти-вирус решенија, независно дали се бесплатни или комерцијални и во последниве неколку години користам 360 Total Security, лесен е за системот, работи брзо, базиран е на облак (cloud), не е досаден со постојани нотификации, автоматски се надградува. Едноставно, одлично решение.

360 Total Security INT

 

Aliexpress INT

Како да знам дека продавачот е сигурен, односно дека не е измамник?

Додека ова е малку тешко да се каже за независните и непознати или помалку познати он-лајн продавници, за сајтовите како AliExpress или E-Bay можеме со сигурност да знаеме, а сега ќе се обидам да објаснам и зошто.

Денес секој може лесно да направи веб сајт, а истиот релативно лесно може да се претвори во онлајн продавница. Лошиот збор брзо се шири, па ретко кога некој сака да се „прослави“ како измамник, бидејќи тоа е заработка на краток рок и обично завршува со сериозни законски последици. Сепак, пред да купувате од помалку позната Интернет продавница, почнете по ред. Најпрво, проверете дали сајтот има безбедносен протокол, потоа видете дали има претходни искуства од корисници? Дали сајтот овозможува плаќање со PayPal (дури и ако немате или не планирате да плаќате со PayPal). PayPal е посредник за плаќање преку Интернет, слично како AliPay на AliExpress, па речиси е невозможно некој да прави измама доколку го користи PayPal. Доколку сакате да купите нешто поскапо, употребете го стариот добар начин – распрашајте се. Се разбира, не мислам да ги прашувате вашите пријатели еден по еден, наместо тоа, употребете Google и видете кои се искуствата на други потрошувачи, колку долго работи сајтот/продавачот и слично.

На сајтовите како AliExpress е многу полесно. За секој производ има продавач и рејтинг како за производот, така и за продавачот. Колку е подобар рејтингот, толку подобро. Колку повеќе луѓе дале оцена (видливо е и тоа), толку посигурна, односно пореална е и самата оцена која ја гледате. 4 ѕвездички или повеќе, значи дека имате работа со одличен продавач, 3 ѕвездички, значи дека има различни искуства. Помалку од 3 ѕвездички и мое мислење е воопшто да не купувате од тој продавач (или производ) или купете, но немојте да се жалите дека нешто не било во ред. Често ќе биде во ред, ама тоа е веќе игра на среќа, исто како некој да ви кажал дека во некоја продавница често продаваат расипано месо, но вие сепак купувате од таму. Да, можеби ќе се случи еднаш да купите најубаво месо од таму, но веќе следниот пат може многу лошо да поминете, значи што и да се случи, ризикот сте го прифатиле и си е целосно ваш.

Како производот ќе стигне до мене?

Штом потврдите купување, од вас ќе биде побарано да внесите име, точна адреса и често пати телефон за контакт. Откако ќе извршите уплата, продавачот ќе го спакува производот и ќе го испрати на вашата адреса. Обично ќе добиете нотификација дека е производот е испратен, заедно со број за следење на пратката (tracking number). Секако дека ова не е обврзно, но дури и ако не сте платиле за достава, многу често ќе добиете таков број. Со тој број можете да следите до каде е стигната пратката. Штом ја добиете пратката, потребно е да ја проверите, да го потврдите приемот и да го оцените продавачот. Внимавајте колку ќе бидете строги, зошто и вие ќе бидете оценувани како купувач од страна на продавачот.

 

Што ако производот не стигне?

Осигурајте се дека рокот за пристигнување е при крај и контактирајте го продавачот да го продолжи заштитниот период или да ви ги врати парите. Обично по едно до две продолжувања, самиот продавач ќе ви ги врати парите. Доколку не можете да се согласите, отворете жалба и опишете го проблемот. Најчесто продавачот не сака да дојде до отворање на жалба од ваша страна, но штом отворите мора брзо да реагира. Доколку продавачот повторно не реагира, парите ќе ви бидат вратени на истата сметка од која сте уплатиле.

Во никој случај немојте да се правите паметни и да пријавувате дека има проблем ако нема или дека производот не стигнал, а стигнал. 2-3 пати можеби ќе ги добиете назад парите, но повеќе никогаш нема да можете да купувате. Освен тоа, вашето однесување негативно влијае на општиот рејтинг на државата, па така многу лесно многу продавачи ќе почнат да ставаат ознака „Не испорачуваме за Македонија“ и со тоа, за речиси никаква добивка не само што ќе си наштетите себе си, туку ќе им наштетите на сите.

 

Што ако добијам неисправен, различен или производ со полош квалитет од опишаниот?

Отворете жалба и опишете го проблемот. Обврзно документирајте докази со фотографии и скриншоти доколку е потребно. Ако вашата жалба е издржана, продавачот ќе биде обврзан да ви испрати нов производ или да ви ги врати парите (најчесто самите ќе одлучите која опција ја сакате).

 

Севкупно, заклучокот е дека купувањето преку Интернет во денешно време е доста безбедно и сигурно. Доколку сте внимателен купувач, веројатноста да бидете измамени е занемарливо мала. Сепак, ова е 21-ви век и купувањето преку Интернет е сосем нормално, а во иднина ќе биде многу почесто, веројатно додека еден ден не премине во можеби едниствен можен начин на купување. Крипто валутите (виртуелни пари кои единствено постојат во електронска форма, како на пример Bitcoin, Ethereum, OneCoin и слични) земаат голем замав во последно време и има голема веројатност во не многу далечна иднина целосно да ги заменат физичките пари. Цврсто чекориме во дигитална иднина. Денешното општество беше многу тешко да го замислиме пред само 20-ина години (замислете некој во 1997-ма година да ви речеше дека денес секој ќе има компјутер во џебот кој е многу помоќен од тогашните најсилни компјутери, дека секој ќе има пристап до Интернет [чекај, 1997-ма? 99% од луѓето тогаш немаа поим што е Интернет, а над 90% немаа ни чуено за тој термин], или дека в џеб ќе имаме мапа на цел свет, заедно со навигација до било која посакувана точка во светот).

 

Имајте убав дигитален шопинг 😉

Вашите лајкови и заследувања нѝ се важни!